Saturday, March 21, 2009

Да ни се живи сајбер панк партизаните!!!

На првиот ден на пролетта, коа времето е неописива тиња, кога врне снег и дожд како да ќе биде потоп на светот утре, кога дури ниту аромата на топло кафе не е доволна да те извлече од под јорганот ( а за среќа е викенд и немаш никакви обврски), за мене има само еден начин да го изживеам утрото-мрзливо да се залежам во креветот и да си отпловам далеку далеку од сивата реалност. А за да не биде total waste of time (плус херојски издржав да го завршам маратонот со How I met your mother) решив да изберам опција- гага документарци. Едукативниот момент е присутен, но бидејќи е викенд нагласок ставив на забавниот, и така дојдовме до совршениот избор- музички документарци.

Прво изглеав еден за музиката која е жанровски моја омилена-punk!!! Филмчето се вика Attitude, а достапно е на you tube. Како и секој документарец кој сака да го преслика времето за кое се однесува и овој се обидува преку сведоштва со ликови од тоа време да ни ја долови сцената од средината на 60тите до доцните 70ти-рани 80ти години во светот, САД и Британија. На сите нас кутрици, кои не сме ја имале среќата да се родиме во тоа време. Тоа е мојата омилена епоха. И кога би имала избор кога и каде би можела да се родам би избрала рани 70ти, во New York, да можам да вртам ноќна шема во CBGB (кој пред 2 години и официјално исчезна од картата на Менхент) или барем на Kings Road, London.


Има многу музика и оригинални снимки од златната ера на почетоците, кога fuck you духот на панкот е олицетворен во Elvis Presley, Jerry Lee Lewis, The Kinks, па некоја извртена панк верзија на глам рокот во New York Dolls (кои наликуваат на трансвеститски проститутки)преку псевдо-интелектуалната страна на панкот со Television, Lou Reed, Nico and the Velvet Underground, Patti Smith, британската инвазија со Sex Pistols, Buzzcocks, The Clash, минимализмот на Ramones, до чистата форма на гневот изразена преку hard core punk-от на Dead Kennedys, Black Flag, Agnostic Front...


Филмот само ме потсети дека секоја генерација и секое општество си има музичка сцена која го отсликува гневот и проблемите на секојдневниот човек. Легендарните песни на The Clash немаше да можат да настанат во care free, утопистичко општество, како она на Скандинавија, туку само во Британија потопена во депресија и песимизам, во времето на економска и нафтена криза, низок животен стандард, борба за работнични права, штрајкови, прљави градски улици и сиви денови. И ова ме потсети на светот денеска, сив и депресивен, економска криза, невработеност, еколошка катастрофа, сиромаштија... Дали е време за повторно да доживееме изблик на една бунтовна, гласна, политички активна сцена, која ќе предизвика револуција во светската уметност и култура? Дали ќе се родат нови Clash?

Бесперспективна Македонија, во ова доба на забрани, национализам, полициска држава, сиромаштија и животи исполнети со омраза затоа што љубовта се плаќа во евра, е совршена лулка на темна, бунтовничка, авангардна сцена на ангажирани уметници. Затоа што никој не е подобра муза од власт која е тирантски Левијатан. Ми се чини дека тоа и се случува со македонската хип хоп сцена во моментов, затоа што е совршена форма за изразување на бунтовништво против естаблишментот. Филмчево има една интересна компарација за хип хопот и панкот која ја постави Henry Rollins од Black Flag, вели дека и двата музички жанрови се бунтовни и непокорни, но за хип хопот комерцијализацијата и богатството не е предавство, а панкот е музика на работничката класа. Останува надежда дека ќе изроди сцена која ќе застане и ќе и рече fuck you на власта и контролата на мислата од партизираното општество, а своето fuck you ќе го викне гласно преку единствениот слободен медиум во Македонија-интернетот!!!! Да ни се живи сајбер панк партизаните!!!

P.S. Ако сакате уште одличен музички документарец погледнете го Seven Ages of Rock на BBC, бесплатно достапен на Google Video. Има 7 дела, а оној посветен на панкот е насловен Blank Generation. Клик тука за линкот.

No comments:

Post a Comment