Tuesday, April 21, 2009

Лов на вештерки, пардон на атеисти


Кутрите мали хрчки...Имаше една театарска претстава со тој наслов. Не отидов никогаш да ја погледам. А сега криво ми е, можеби тогаш би имала некое подобро објаснување за она што ни се случува во моментов.

Дури и да живеевте во пештера последниов период ќе допреа до вас гласините за овој “лов на вештерки“ кој го диригира македонската инквизициска влада. Вештерките се атеистите. Безбожници, богохули, атеисти, се заедно во една кошница, се сведува на НЗС-они не се од “наша“. И придавката се додава на внимателно селектирани настани за да им се даде карактер на омраза и војна. Атеисти и геј се оние кои не сакаат црква на плоштад, дувло на комуњари и атеисти се почитуваните судии на Уставниот Суд затоа што си ја вршат уставно доделената обврска итн.

Си легнав вчера спокојно во моите безбожни атеистички соништа, а денес се разбудив како државен непријател број еден(а и непријател на преродбата).

Што сметам дека е труло во државата Македонија:

Прво, не дозволиво е да се омаловажува и навредува една престижна државна институција како Уставниот Суд од видни претставници на другите гранки на власта. За некои професори по право, Уставното судство дури има и карактер на независна власт и како таква треба да се почитува. И во САД Врховниот Суд (кој ја има и функцијата на чувар на Уставот) носи одлуки кои не се по сечиј ќеиф, дури некои го нарекуваат и законодавец во сенка, па никогаш не им паднало на ум на некој висок државник од американската политика да излегува со изјави во јавност или уште полошо пишани статии со така погрдни зборови за институција која ја има најблагородната функција во една држава-чувар на Уставот.

Второ, не знам дали на некој му текнува на книгите по историја и описите за Втората Светска војна... Дали се сеќавате на демонизирањето на Евреите пред широките народни маси? Од етикетите во говорот се премина на етикети на облеката, а потоа и на физичка сегрегација од општеството. Нели ви изгледа познато овој процес? Се прашувам дали наскоро ќе дојде денот да треба да ми стои во лична карта Атеист и да треба да плаќам посебни даноци за недостаток на христијански вредности и верба во Бога?

Трето, и да се согласиме дека македонското општество во овој период на транзиција доживува сериозна криза на вредности (што веројатно е тврдење кое би наишло на широко согласување), дали вистинскиот рецепт за градење вредности е преку индоктринација, поделба на “наши и ваши“ и сеење омраза таму каде ја нема? Македонија е мултиетнича и мултирелигиозна држава-како таква една демохристијанска партија која е на власт не смее да си дозволи да наметнува симболи и вредности кои ги смета за свои, а се во директна спротивност со она кое ја дефинира Македонија. Наместо власта да превземе чекори за интеграција на Македонците со остатокот од она што реално е Македонија, таа гради една имагинарна слика за тоа што Македонија сака да биде, создавајќи уште поголем јаз помеѓу Македонците и сите други националности и етникуми кои живеат во Македонија. Со крстот на чело, христијанска држава, со антички корени од Александар Македонски-а каде се тука и сите Албанци, Власи, Роми, Срби, Турци кои живеат во Македонија? А каде се тие што не се со крстот на чело?

Четврто, барам да престане оваа демонизација на атеистите. Атеистите немаат своја организација, аналогна на црквата за верниците, која би настапувала во наше име. Ние ја имаме државата. Пардон, во случајот на Македонија, ја имавме. Државата треба да не брани и да се грижи за нас, како и за сите свои граѓани. Тука, државата истапува против нас, вештачки наметнувајќи поделба на нашите (верниците) и сите останати. А тоа е школски пример за дискриминација.

И што да се каже понатаму... Освен, кутрите мали хрчки...

P.S. Photo from http://cagle.msnbc.com/

1 comment: