Friday, July 10, 2009

Психоделија, 4 гитари и рок енд рол поезија-тета Пети Смит


Скопје ти е брат паланка... И тоа паланка со амбиции. Па као и секоја друга покондирена тиква ќе се реди со паунски перја за биде во чекор, со стил и секогаш инннн. Епа тоа и бидна на овој 10ти јули 2009 година-Скопје сакаше да изиграва културна метропола на Балканот и си дозволи во ист ден и ист час да имаат концерт две огромни музички имиња- Карлос Сантана и Пети Смит. Затоа што ни се може... Без разлика што има месеци кога единствена музичка дешавка е концерт на Аца Лукас, битно нас ни се може.
Јас се сметам за музички гурман, ама и истовремено и музички сештојад. Да беше физички возможно веројатно ќе сакав да бидам на двете места, но за жал не може. Изборот беше јасен-карта за тета Пети си купив уште првиот ден кога ги пуштија во продажба. И очекувањата беа големи во почеток, но како поминуваа месеците растеа се повеќе и повеќе.

Конечно дојде-денот Д-10ти јули 2009. Универзалната ни сала полупразна, растеретена и опуштена толпа во мешан состав-окорели рокери од времето на социјализмот, арт-генотипови, млади момци и девојки поштувачи на делото на тета Пети и све остало. Атмосферата беше интимна, како да ќе биде мала, клупска свирка, а не забава за цел град. Нормално, концертот почнува по цели саат и пол чекање-прва грешка на организаторот-нема никаков бенд за загревање да се позанимаваме додека трпеливо ја чекаме тета Пети. Нејсе, си имаме пивце и муабет.

И конечно започна. Пети излезе на бината во Скопје. Едвај се изгурав со фоторепортерите за место во прв ред, што и реално (и правно) ми припаѓа со оглед на мизерните 158 см висина.
Концертот беше психоделија-веројатно тој е најсоодветниот збор за да се опише. 4 гитари, од кои една на Пети повремено, а другата на Tom Verlaine од Television за стално (една од тие гитари остана и без жици на пола концерт) и моќните стихови на Пети. Личеше на рок едн рол Исус на сцената, која цели 90 минути не владееше со силата на својата синкретична уметност. Поезија, гитари, политичка и општествена ангажираност-се што почитувам на овој свет е олицетворено во тета Пети.

За мене Пети е суштество надвор од овој свет, larger than life itself. Затоа не ми се веруваше кога се поздравуваше со луѓето од првите редови. И ја допрев раката и почувствувам топлина. Човечка топлина. И не ми се веруваше. Во тој момент како да ми се одзема дел од митското од неа. Иако е многу остарена, нејзината музика не претрпела ни момент од кратковечноста на времето. Ако ги затворев очите на сред концерт можев да ја замислам за време на свирките од своето златно доба.

Првиот дел од концертот беше јако психоделичен, полн со импровизации и создаден у корак, а вториот дел беше од сите големи хитови како Gloria, Dancing Barefoot, Rock'n'roll nigger, Because the night итн. За жал, шармот на Скопјани не успеа да измами бис од тета Пети. Морав да се помирам дека Horses нема да ја чујам вечерва. А таа е песната заради која се вљубив во нејзината музика. И тоа не е фер!

Разочарани отидовме надвор, да размениме импресии. Среќа забележавме дека ќе може да добиеме автограм (фала Гаро). Чекавме неколкумина... Меѓу кои и некои чичовци од старата школа, со плочи под рака и приказни за тоа како ги глеале Sex Pistols у Лондон на времето... Еееее, тоа беа времиња. Не еднаш сум рекла и ќе речам пак-ако може да се реинкарнирам и да се родам во 70тите години во Њујорк. Не знаев што да и кажам на тета Пети. Да и кажам дека ми е криво што е толку стара и што не сум имала прилика да се родам порано и да ја видам во вистинско светло? Дека ја обожувам повеќе од било кој друг артист? Дека има култен статус во мојот живот? Не сакав да ја видам... Не е некој згоден музичар, па да има зошто идеш у бекстејџ...Она е тета Пети, еден од моите идоли. Во гардеробата се релаксираа сите од бендот, најопуштено на свет и ги примаа своите фанови за да добијат автограм. Јас најдрско си отидов кај тета Пети, заобиколувајќи ги сите од бендот. На светло, надвор од бина, делува уште постаро, побелена коса и лик полн брчки. Но, очите и сјаат како и увек. И сеуште го има својот глас, своето најмоќно оружје.

Што правиш откако ќе добиеш нешто за што мечтаеш цел свој живот? Забораваш дека си го добил и продужуеш со животот даље. Овој концерт нема да биде заборавен. Ќе биде засекогаш запаметен како денот кога Пети Смит престана да биде божество и стана човек. На најбожествениот можен начин-докажувајќи ја моќта на човекот да ја надмине својата физичка кратковечност со моќта на својот креативен потенцијал.
Фала тета Пети!
p.s. photos courtesy of Anna Rockfairy Stojanovska, cause I didnt have a camera :(